„Сите бевте поканети да му помогнете на Металург кога падна во криза, кога секна милионскиот извор, па се разбегавте како глувци од брод што тоне...не помогнавте и немате право да млатите празна слама“, одговори претседателката на Металург.
Статусот на социјалните мрежи на некогашниот претседател на Металург, Ристо Чокрев, предизвика реакција од актуелната претседателка на тимот од Автокоманда, Зорица Блажевска.
Таа се обрати на социјалните мрежи и ги посочи проблемите со кои се соочила во нејзиното работење во клубот. Блажевска откри дека ислатила голем долг наследен од претходното раководство во Автокоманда.
Тогашниот Металург, шесткратен првак на Македонија и шесткратен освојувач на Купот, беше суспендиран од страна на ЕХФ и не се натпреварува во ниту една конкуренција.
Сега е активен само Металург РА, кој минатата сезона избори место во прволигашкиот плеј-оф, но не успеа да се пласира во суперлигашкото друштво.
„Аман како не ви здосади? Немате работа, па пак Металург? Црни, сини, зелени сценарија…сите бевте поканети да му помогнете на Металург кога падна во криза, кога секна милионскиот извор, па се разбегавте како глувци од брод што тоне…не помогнавте и немате право да млатите празна слама. Со години наназад Металург се една рака луѓе меѓу кои и јас и секој еден денар мачно донесен во Клуб. 4 години исплаќав 500.000 евра долг од 2013 година, превоз и сместувања од период кога со вреќи евра се влевале. И тие картите сезонски што ги сликате јас во 2020 ги доплаќав, меѓу другото…Металург ниту почнал ниту ќе заврши со мене, тоа е мое ветување. Ќе постои колку и некому уште да му пречи. Зар уште ве плаши МЕТАЛУРГ? Ако, живејте со страв…кај што течело, пак ќе тече…некогаш на дно, некогаш на врв…дотогаш е дом на десетици македонски деца за кои вреди секој труд. Ние ќе работиме и ќе уживаме, успехот сам ќе си дојде, кога вие ќе се изморите во трката по пари! Тоа е и мојот одговор на прашањата зошто дозволувам новоформирани Клубови да си ставаат име Металург. Нека има не еден, два, десет нека има. Нека боде очи името Металург“, напиша Блажевска.