Запознајте го ривалот на Чаир – Славија Прага со македонски шмек и две чешки репрезентативки

Тимот на Чаир остана единствен женски претставник на Македонија во европските купови, а следен ривал во осминафиналето на Европскиот Куп на избраничките на Басри Љатифи ќе им биде чешкиот тим Славија Прага.

Станува збор за еден од најстарите чешки клубови формиран во 1919 година, кој има вкупно 15 титули. Седум од нив се освоени во поранешната држава Чехословачка, додека осум по осамостојувањето, последната во 2023 година.

Покрај во чешкото првенство, Славија Прага, настапува и во МОЛ регионалната лига, заедно со словачките клубови. Во првиот дел од сезоната се дел само од регионалната конкуренција, а досега на десет одиграни меча билансот на тимот од Прага е седум победи и три порази, што е доволно за четвртото место на табелата. До одигрувањето на натпреварите против Чаир, Славија Прага ќе има уште два меча од МОЛ лигата против Јувента Михаловце и Злин.

Во актуелниот ростер на Славија Прага има само две интернационалки, нашата Ангела Јанкуловска и Црногорката Александра Базовиќ, додека сите останати се домашни ракометарки. Две од нив – средниот бек Јулија Франкова и левиот бек Симона Шреибмериова, се репрезентативки на Чешка и ќе играат на Европското првенство.

Станува збор за клуб што игра во европските купови по 19 пат, а четири пати во минатото беше дел од квалификациите за Лигата на шампионите, но секогаш беше елиминиран уште на првата пречка. Играше и во некогашниот Челинџ Куп, потоа во Купот на победнициите на Куповите, како и ЕХФ Купо, а континуирано во Европа игра од сезоната 2016/17.

Најдалеку дотурка во ЕХФ Купот во сезоната 2000/01, кога играше во полуфиналето, но беше елиминирана од Подравка. Ова нема да биде прв двобој со екипа од Македонија за Славија Прага, откако во ЕХФ Купот во сезоната 2019/20, го елиминира Куманово на два меча во Македонија, со победа од 31-24 и со пораз 27-23.

Оваа сезона Славија Прага го елиминира словенечкиот Млинотест Ајдовшчина со две победи, 34-30 и 29-26, додека во третото коло беше подобра од италијанскиот Салерно со победа од 32-20, и пораз на вториот меч со 32-29.

Чаир и стручниот штаб на тимот најголемо внимание треба да обрнат на триото – бековите Симона Шреибмеирова и Вероника Холечкова, како и крилото Адријана Мишова. Шреибмеирова има досега постигнато 38 гола на четири меча и е убедливо најдобар стрелец во тимот, додека Холечкова и Мишова постигнаа по 19 погодоци. Интересно е што и двете голманки – Базовиќ и Мала постигнуваа погодоци на четири досегашни дуели во Европа.

Станува збор за неатрактивен, а незгоден ривал, па на Чаир сигурно нема да му биде лесно, но и чешкиот ривал сигурно не е задоволен од тоа што ќе мора да гостува во Скопје. Шансите се еднакви за двете екипи, Чаир докажа дека може да игра против европските екипи и сигурно ќе атакува на надминување на историскиот клупски успех – а тоа би било пласман во четвртфиналето.

Првиот натпревар треба да се игра на 11/12 јануари во Прага, додека реваншот во Скопје на 18/19 јануари.