Тимот на Мелсунген, по поразите од Вардар во Лигата на Европа и Гумерсбах во Бундес лигата, им се врати на победите.
Момците на Роберто Гарсија Парондо славеа против големиот Кил со 30-29, откако и на полувремето водеа со 17-14. Домаќините водеа со 28-23 на десетина минути до крајот, но „зебрите“ за пет минути стигнаа до реми.
Сепак избраниците на Филип Јиха не го комплетираа камбекот, па Марчан, а потоа и Кастенинг ги казнија со два гола во серија. При 30-29, Кил имаше шанса и за реми, но не погодија „зебрите“, па домашното славје можеше да започне.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Менсинг со седум и Кастенинг со пет гола, а голманот Симиќ запиша девет одбрани. Кај Кил, Де Варгас одбрани седум удари, а Имре даде осум погодоци.
Кил сега е четврти на табелата со 36 бода, зад Фуксе Берлин, кој има 40 и меч помалку на третото место, па се чини дека „зебрите“ ниту наредната сезона нема да играат во Лигата на шампионите.

























