Загреб со нов тренер го пречекува Еурофарм Пелистер во ЛШ

Хрватскиот ракометен шампион Загреб со трет тренер ќе ја продолжи сезоната, и тој ќе ги води „сините“ на дуелот со Еурофарм Пелистер во четврток. Денеска и официјално беше промовиран Ненад Шоштариќ за нов тренер на ракометниот клуб Загреб.

Шоштариќ кој е селектор на женската сениорска репрезентација на Хрватка доаѓа на местото на Андрија Николиќ кој привремено го водеше клубот, откако на почетокот на сезоната беше отпуштен Славко Голужа.
Селекторот Ненад Шоштариќ е освојувач на бронзениот медал од ЕП во Данска во 2020 година, но и на сребрениот медал од Медитеранските игри во 2022 година во Алжир.

Пред овие големи успеси со женската ракометна репрезентација, тренерот Шоштариќ го практикуваше својот занает на клупите на бројни клубови во машка и женска конкуренција и изгради огромно тренерско искуство повеќе од 30 години.

„Искрено изненадување за мене беше поканата на ракометниот клуб Загреб. Не очекував, но мило ми е што сум тука. Од една страна ова е чекор напред, а од друга затворање на животен круг, бидејќи ова е клубот во кој почнав да се занимавам со ракомет. Ракометниот клуб Загреб е институција на хрватскиот спорт. Работењето овде е голем предизвик, но и голема одговорност. Во овој проект влегувам со отворено срце, со огромна желба сите заедно да го постигнеме најдобриот можен резултат. Нема „јас“ во спортот, постои само „НИЕ“ и на крајот само така можеме да се надеваме на резултат, изјави новиот тренер на Загреб.

Тренерот Шоштариќ ќе дебитира на клупата на Загреб во четврток на 19 октомври кога во Арена Загреб доаѓа Еурофарм Пелистер.