Загреб пред дуелот со Еурофарм Пелистер донесе нов голман

Хрватскиот првак Загреб донесе ново засилување на голманската позиција. Управата на хрватскиот првак постигна договор со хрватскиот голман Сандро Мештриќ (29), кој по пет сезони во странство се враќа во домашното првенство.

Мештриќ ја започна кариерата во родниот Вараждин, а потоа настапуваше за Екс Ан Прованс во Франција, словенечката Рибница, полскиот гигант Келце, а потоа беше позајмен во Островија и во Мешков Брест.

За хрватската репрезентација дебитираше во 2024 година, а беше дел и од националниот тим на Олимписките игри во Париз.

„Се чувствувам одлично и пресреќен сум што станав дел од најтрофејниот хрватски клуб. По пет години во странство, се враќам дома и навистина ми е драго поради тоа. Со нетрпение ги очекувам натпреварите и верувам дека оваа екипа има потенцијал да победува и во домашното првенство и во Европа,“ изјави Мештриќ.

Тој доаѓа во Загреб и ќе формира трио со Анте Грбавац и Харис Суљевиќ, а би требало да дебитира на дуелот со Магдебург во Лигата на шампионите, додека до крајот на календарската година хрватскиот првак ќе игра дома и со Еурофарм Пелистер.