Загреб пикира десен бек од Португалија

Според пишувањата на данскиот „Ругтеборс“, повремениот репрезентативец на Португалија, Жоаким Назаре, би можел да биде ново засилување на најтрофејниот хрватски ракометен клуб Загреб.

Станува збор за 24-годишен десен бек, кој од сезоната 2023/24 настапува во Данска, каде го носи дресот на еден од најреномираните клубови, Скјерн.

Назаре претходно беше дел од Асобал лигата и играше за Куенка две сезони, а во втората беше најдобар стрелец во првенството.

Во татковината ги носеше дресовите на Боа Хора, Виторија и Бенфика. Токму во редовите на лисабонскиот гигант ги мина сите младински селекции и стигна до сениорскиот тим.

Загреб во моментова на десната бековска позиција ги има Гиорги Сковребадзе и Лука Ловре Кларица, но Кларица на лето заминува во Келце, па Назаре би бил одлична замена.