Бундеслигашот Кил забележа уште една победа во Лигата на шампионите и на крајот од групната фаза ја освои првата позиција во групата А со 22 бода.
Пред налетите на избраниците на Филип Јиха падна Загреб, кој беше совладан со убедливи 11 голови разлика, 33-22. Хрватите одат во елиминациите од петтото место ако ПИК Сегед не направи сензација кај ПСЖ на гостински терен.
Гостите отворија со водство од 2-0, но следуваше неверојатна серија на Кил за 9-2. Сепак хрватскиот првак не се откажа и намали на 12-11, а на пауза беше 17-15.
Тоа беше краток блесок на Загреб, Кил за десетина минути во вториот дел постигна седум гола за 24-15 и немаше дилеми околу победникот на овој дуел.
Најдобри стрелци кај Кил беа Екберг со девет и Билик со седум гола, а голманот Мрква имаше десет одбрани. Кај Загреб по четири погодоци имаа Дибиров, Валчак и Чавар.