Загреб на турнеја во САД – Дибиров, Чупиќ и дружината ќе играат против Њујорк!

Ракометарите на Загреб на крајот од оваа сезона ќе одиграат три пријателски натпревари во Њу Јорк, пишува „Вечерњи лист“.

Додека хрватскиот првак игра три меча во пет дена како во „НБА ритам“, директорот Ведран Шупуковиќ и спортскиот директор Дамир Бичаниќ, заминаа за САД.

„Одиме на повик на мој пријател кој има големо влијание во американската ракометна федерација и во клубот Њу Јорк. Идејата е на крајот на сезоната, почеток на јуни, да одиграме три пријателски средби – со репрезентациите на САД и Канада, како и против домашниот клуб. Морам да признаам дека ни е голема чест што не одбранаа нас од сите европски клубови и не повикаа во САД за да го промовираме ракометот. Идејата е да одиме со најсилен ростер“, вели Шупуковиќ.

Загреб досега има максимален број на победи во домашниот шампионат, пред пролетниот плеј-оф и дуелите со Нексе. Во Лигата на шампионите хрватскиот шампион ги задржа шансите за осминафинале, кое ќе треба да го избори во февруари и март.