Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во рамки од 2. коло од Лигата на шампионите загуби на свој терен од Фуксе Берлин со 30:22.
За пелистерци ова беше втор пораз во најквалитетното европско натпреварување, додека за Фуксе Берлин првата победа во ЛШ.
Три гола против германскиот вицепрвак постигна Самоил Ристевски, 17-годишниот кружен напаѓач вечерва го покажа својот раскошен талент одигрувајќи на одлично ниво.
,,За ова се сонува уште од мали нозе, посебно против една ваква екипа од Бундес лига, сон беше и се оствари. Очекував да бидам во состав, мислам дека добро се покажав и се надевам дека и во следните натпревари ќе бидам добар. Фуксе Берлин доаѓа од најсилната лига, имаат поквалитетни натпревари и сакавме да дадеме се од себе, секако дека е големо искуство да играш ЛШ”, изјави Ристовски.
Еурофарм Пелистер во 3. коло од Лигата на шампионите ќе гостува во Романија кај тамошниот шампион Динамо Букурешт.
Еурофарм Пелистер со втор пораз, Фуксе Берлин ги однесе бодовите од Битола