За крај на блескавата сезона: Еурофарм Пелистер со ЗЛАТНИК ги награди младите ракометари!

Со свечена и емотивна официјална вечера, Еурофарм Пелистер стави златна точка на уште една успешна сезона – овојпат во младинската конкуренција. Екипата која достојно го претставуваше клубот, градот Битола и целата држава на ЕХФ Лигата на шампиони за млади беше симболично и заслужено наградена за својот историски успех.

Тимот оваа сезона се пласираше на завршниот турнир – Ф4 од младинската Лига на шампиони, што претставува врвно достигнување и прв ваков подвиг за македонскиот младински ракомет на европска сцена.

Во чест на пласманот и трудот, секој ракометар, член на стручниот штаб и организацијата на клубот доби златник – уникатно изработен со логото на клубот и амблемот на натпреварувањето. Овој гест не е само симболична награда, туку и траен спомен на генерацијата што испиша нова страница во историјата на Еурофарм Пелистер.

На свечената вечер зборуваа спортскиот директор Звонко Шундовски и техничкиот директор Горан Петровски, кои ја истакнаа пожртвуваноста, карактерот и професионализмот на младите ракометари и стручниот тим.