Раководството на Аркус лигата во Србија изрече строга парична казна за тренерот на Војводина, Владaн Матиќ, поради јавно коментирање и критикување на судењето преку социјалните мрежи и во интервју за новосадскиот весник Дневник.
Искусниот стратег е казнет со вкупно 180.000 динари (околу 1.500 евра), а решението за казната е објавено и на официјалната веб страница на лигата.
Како што се наведува во соопштението, Матиќ на 13 декември 2025 година, преку коментар на Фејсбук на објава на делегатката Зорица Машиќ, јавно ги навредил и клеветел службените лица, Бранислав Ненадиќ и Дарко Стефановиќ.
„Зоко… а кој ќе суди финале? Ненадиќ и Стефановиќ? Веројатно Слободан е толку влијателен во ИХФ што ќе ги одреди за финале… или не, грешка… тие само делат неправда во машкото финале на АРКУС, лакрдии.“
Како дополнителна основа за казната се наведува и интервјуто кое Матиќ го дал за весникот Дневник, објавено на 12 декември 2025 година, во кое, според лигата, изнел „низа навреди и клевети“ кон ракометската организација и нејзините органи.
Во интервјуто, Матиќ изјавил дека не може да се помири со наводното влијание на Слободан Вишекруна врз судиите, обвинувајќи за местење и сценарија однапред подготвени, како и дека судиите „им го одземаат лебот од рацете“ на клубовите.
Владан Матиќ на крајот од оваа сезона си заминува од српскиот ракомет и ќе работи во академијата на унгарскиот гигант ПИК Сегед.

























