Сите ракометари на Вардар добија шанса да играат, и сите (играчи) се запишаа во листата на стрелците во победата на „црвено-црните“ од 39-22 над Прилеп. Дури и голманот Милош Валах постигна гол во првото полувреме користејќи ја шансата во моменти кога прилепчани беа без голман. Таква шанса не добија Гогов и Богдановски, ама затоа сите голмани на Вардар имаат по најмалку една одбрана.
И по седмото коло во машката Супер лига, Вардар останува неприкосновен и перфектен со максимален број на бодови како лидер на табелата, а Прилеп останува во долниот дел со 6 бода.
Прилеп продолжува по принципот „победа – пораз“, па по претходната победа дома, сега на гостински терен загубија кај „црвено-црните“. Важно за „тутунарите“ беше да не се вратат со „полна мрежа“ во што не успеаја, зашто предност на домаќините на крај од средбата беше изразена со предност од 17 гола.
Во 28 минута Вардар ја имаше највисоката предност на средбата (19-7). Не само што немаше дилеми кој ќе биде победник, туку и гостите не покажаа амбиција да му се спротистават на Вардар. Скопјани постојано беа во водство, од почеток до крај.
Намалија гостите на „минус 7“ на почетокот на вториот дел, но подолгата клупа на домаќините и желбата да се докажат, му донесе на Вардар веќе на средината од вторито дел пак предност од максималните „плус 12“ (27-15 и 28-16).
Поради ограничувањето на странски ракометари, на трибините останаа Пинто и Борозан, а на листата на повредени се Кеита, Лазаревски, Стаменковиќ и Танкоски.
Но, не застанаа вардарци тука, продолжија да го зголемуваат водството, па дојдоа и до 31-17 во 50 минута. Гостите „се предадоа“ а за две минути Вардар зголеми на 35-18 во 53 минута. Беше и „плус 18“ во последните минути за Вардар, ама на крај сепак гостите намалија за еден гол.
Во следното коло Вардар гостува кај Куманово, а Прилеп е домаќин на Охрид.