Не стивнуваат бурните реакции околу третманот на Хрватска на Европското првенство, репрезентација која играше два натпревари ден за ден, а по пласманот во полуфиналето, Хрватите беа приморани да патуваат речиси пет часа од Малме до Хернинг.
Во разговор за хрватските медиуми, целосна поддршка за Дагур Сигурдсон даде и легендарниот стратег и екс селектор на Македонија, Веселин Вујовиќ, кој повторно остро ја критикуваше Европската ракометна федерација.
„Нехумано беше што натпреварите од таа група се играа ден по ден. Не знам како воопшто прифатиле такво нешто. Дојдовме до ситуација повеќе да зборуваме за негативни работи отколку за самото полуфинале на Европското првенство. Поради играчите постојат телевизиските преноси, публиката и целиот маркетинг околу спортот. Мора да им се обезбедат максимални услови. Веќе ме казнувале кога ја зборував вистината, па сакам јавно да му дадам поддршка на Сигурдсон, затоа што е во право. Ракометарите доаѓаат уморни, играат првенство и се враќаат во клубовите, а токму поради тоа доаѓа до повреди. Од нас прават будали, а единствениот што може да биде казнет е селекторот. Доколку сум на негово место и ме суспендираат, подготвен сум да ја повлечам репрезентацијата, па нека се случи најголемиот јавен срам. Хрватите, сепак, имаат таков менталитет и сето ова може дополнително да ги мотивира“, изјави Вујовиќ за „Индекс“.
Во полуфиналето Хрватска ќе се судри со Германија во терминот од 17:45 часот во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.

























