Вугринец се потсети на минатото: Дуелите Вардар и Металург беа како Реал и Барса

Во Охрид за време на турнирот „Крсте Андоновски“ ќе биде присутно уште едно познато лице – Ренато Вугринец, поранешниот македонски репрезентативец, кој сега е во улога на спортски директор на Партизан.

Екс десниот бек на Металург, се потсети на минатото и на големото ривалство меѓу Вардар и тимот од Автокоманда, но вели дека сега е уште подобро, бидејќи има дури четири екипи конкурентни за врвот.

„Од оние години ривалството на Вардар и Металург, би го споредил со фудбалското дерби во Србија меѓу Партизан и Црвена Ѕвезда, односно меѓу „Ел Класико“ меѓу Реал Мадрид и Барселона. Тогаш и Вардар и Металург играа во иста група во Лигата на шампионите и тоа беа неверојатни натпревари. Но во овој момент сметам дека сега е подобро бидејќи четири екипи се во конкуренција за титула. Драго ми е што се најдоа луѓе што вложуваат финансисии во македонските клубови и сметам дека Македонија е дефинитивно ракометна земја“, вели Вугринец.

По заминувањето од Македонија во 2015 година, Вугринец заигра за катарската Леквија, како и за израелските тимови Макаби Ришон Ле Зион и Хапоел Ришон Ле Зион, пред да ја заврши кариерата. Со Македонија играше на СП 2015 во Катар.