Ракометарите на Вардар Неготино се израдуваа на втората победа во Супер лигата, откако на свој терен го совладаа Прилеп со 32:28 во натпревар од 10. коло и со денешната победа влегоа во игра за подобар пласман во групата Б.
Неготинци одиграа одлично во првото полувреме, а периодот од 20 до 30 минута беше пресудно домаќинот да направи пресврт, целосно да го надигра гостинскиот тим и да си обезбеди убава предност која се покажа како доволна за освојување на три бода.
Во првите дваесетина минути двете екипи беа во резултатска бркотница и резултатот во првото полувреме во седум наврати беше нерешен. Двете екипи имаа подеми и падови, домаќините во најголемиот дел од првото полувреме играа фластер на средниот бек Кастратовиќ и натурализирањето од играта на црногорецот им донесе посакуван резултат.
Домашниот тим во последните десет минути од првиот дел направи голем исчекор, ги казнуваше грешките на гостите, кои влегоа во серија на технички грешки и промашувања од чисти позиции. Тимот на Котевски одигра на многу повисоко ниво во периодот од 20 минута до паузата и по предноста на прилепчани од 10:9, постигна пет гола во низа, поведе со 14:10 во 25 минута и го остави гостинскиот тим во многу проблеми.
Прилеп имаше проблеми со организацијата во нападот, бековите беа отсечени од игра и поголемиот број од погодоците на гостите беа постигнати од позицијата крило и пикер, како и од линијата од седум метри. Прилепчани за 30 минути игра постигнаа само три погодоци од бековските позиции.
Кризата во таборот на Прилеп беше прекината со голот на Шабановиќ, кој за момент намали на 14:11, но во финишот од полувремето домаќините ја задржаа предноста, лесно доаѓаа во позиција за гол, го одиграа најдоброто полувреме сезонава и на пауза заминаа со пет гола позитива, 18:12.
Вардар Неготино продолжи во уште поголем ритам и на почетокот на вториот дел, во 35 минута дојде до највисоките до тој момент, плус седум, 21:14. Гостите продолжија со лошата реализација, влегоа во уште поголема криза, па така домаќините зголемија и на 23:15. Добрата стратегија на домаќините им овозможи целосна контрола во останатиот дел од средбата.
Во 45 минута повреда заработи еден од најдобрите стрелци во тимот на Вардар Неготино, Ѓорѓи Орешков. Гостите во последниот период намалија дел од негативата, се доближија на четири-пет гола негатива, но не можеа да направат нешто повеќе. Дополнителен проблем за Прилеп беше и поведата на кружниот напаѓач Томче Трајчевски, кој ги пропушти последните десет минути.
Најефикасни во победничката екипа беа Мирослав Митевски и Лазар Адамовиќ со по седум погодоци, пет реалзиации имаше Александар Кериќ.
Кај гостите од Прилеп листата на стрелци беше предводена од Христи Бикоски и Томислав Квастек, кои постигнаа по пет погодоци.