Втор триумф за Астибо – во тензичен меч до цел плен кај Спартак

Штипски Астибо славеше кај Спартак со 28-24 во натпревар од 8 коло во Супер женската лига и се израмни на табелата со Куманово со по пет бода.

„Амазонките“ кои обвинија на социјалните мрежи за притисоци од страна на домаќинот во текот на целиот меч, прашањето на победникот го решија во последните дваесетина минути.

На паузата беше 12-12, па имаше поголем прекин меѓу двете полувремиња, а за настаните што се случуваа во подтрибинскиот простор допрва треба да се огласат двете страни.

На стартот на второто полувреме одново се играше гол за гол, а по 17-17, Анчева, Богоевска и Ксавиер ги постигнаа клучните голови. Потоа штипјанки се одлепија и играа полесно иако црвен картон доби Жанет Мутемека.

Во финишот Спартак намали на минус еден, но немаше сили за комплетен камбек, па штипјанки се израдуваа на втора сезонска победа.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ксавиер со десет и Анчева со пет гола, а во второто полувреме значајни интервенции имаше и голманката Младеновска. Во составот на Спартак осум гола даде Зорица Андовска.