Се одржа првата регионална конференција која го спојува спортот и волонтерството
Министерството за спорт и Министерството за економија беа активни учесници и соработници на Регионалната ЕУ конференција: „Мостови на искуство: Зајакнување на сениорското волонтирање за одржлив развој низ Балканот“ што се одржа на 24 и 25 ноември 2025 година во Скопје, во организација на Асоцијацијата за Спорт и Волонтерство (АСВ-Скопје), Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП-Скопје), Центарот за европско волонтирање (CEV – Брисел) и Конфедерацијата на европски услуги на сениорски експерти (CESES – Брисел).
Главната цел на овој значаен меѓународен настан е зајакнување и споделување искуства преку регионалната соработка меѓу владите на балканските земји, граѓанското општество, приватниот сектор и академската заедница, со цел промоција на инклузивното волонтерство, во пресрет на Меѓународната година на волонтерството 2026 (IVY 2026) на Обединетите нации.

На Конференцијата која ја отворија ЕУ амбасадорот, Н.Е. Михаелис Рокас, министерот за економија Бесар Дурмиши и Габриела Цивико директор на Европскиот волонтерски центар, беше истакнат растечкиот потенцијал на волонтерството во сите возрасни групи, особено кај лицата над 50 години кои продолжуваат активно да придонесуваат во општеството. Со своето искуство, вештини и лидерство, тие играат клучна улога во јакнењето на заедниците, пренесувањето на знаење и поттикнувањето на меѓугенерациска солидарност.

Во рамките на третата панел дискусија се отвори темата за врската меѓу спортот и волонтерството како темел на кој се гради успешна спортска приказна во сите сектори.
Како претставници од Министерството за спорт на Конференцијата присуствуваа државниот секретар, Сашо Огњеновски и посебната советничка на министерот за спорт за ЕУ проекти и децентрализација, Гордана Цветковска Бошевска.
Волонтерство во спортот беше тема на панел-сесијата „Од спортски настани до секојдневие: Волонтерски улоги во спортот што ги поврзуваат генерациите“, на која учествуваа претставници од Министерството за спорт, претставници на образовниот и невладиниот сектор, како и поранешни спортисти и тренери. Во обраќањата на присутните панелисти беше потенцирано дека „спортот е природна и моќна платформа за социјална промена во светот, а волонтерството негова алатка“.
Поранешните спортисти, тренери и професионалци од спортскиот сектор носат уникатна мотивација и практично знаење што може да ги збогати волонтерските иницијативи, инспирирајќи ја младината и промовирајќи вредности како тимска работа, инклузија и општествена одговорност.

Во дискусијата беа споделени различни искуства и беше нагласена важноста и потребата од развој на национални и регионални модели на спортско волонтерство, создавање на програми за спортски настани, менторство, лидерство и вклучување на сениорски волонтери како пример за активно стареење и општествена кохезија.

Главна цел на Конференцијата, како што нагласија организаторите, е да обезбеди платформа за зајакнување на партнерствата и усогласување на националните политики со европските рамки за признавање и унапредување на волонтерството како и иницирање на партнерства меѓу федерациите и институциите од регионот и развивање на конкретни акциски планови за интеграција на волонтерството во спортот во националните стратегии.

























