Волф нервозен – „удри“ по соиграчите и им упати жестока порака!

Голманот на германската репрезентација Андреас Волф одигра неверојатен натпревар и беше клучната фигура во победата на Германија над Норвешка со 30-28 (15-17) на Европското првенство.

Искусниот чувар на мрежата буквално ги излуде норвешките стрелци, бранејќи удари од сите можни позиции. Волф собра фантастични 22 одбрани од 50 удари.

По натпреварот, пофалбите за 34-годишниот голман пристигнуваа од сите страни, а тој сосема заслужено беше прогласен за играч на натпреварот. Сепак, наместо да ужива во индивидуалниот блесок, Волф изненади со отворена и жестока критика кон своите соиграчи.

„Сега нè очекуваат натпревари против две од трите најдобри репрезентации во светот. Особено во нападот мораме драстично да ја кренеме ефикасноста, бидејќи Данците такви грешки нема да ни ги простат“, порача Волф.

Германскиот голман беше уште подиректен кога зборуваше за дуелот со актуелниот светски шампион.

„Против Данска можеш да се носиш само ако си навистина цврст во одбраната и ладнокрвен во нападот. Момците мора да го сфатат тоа, грешките нема да се простуваат“.

Германија веќе во понеделник (20:30) ја очекува пресметка со Данска, а во среда (18:00) следи и дербито со Франција. Во случај на победа против Данците, Германците практично би го обезбедиле пласманот во полуфиналето, бидејќи по второто коло од главната фаза се лидери во групата со шест бода. Франција и Данска имаат по четири, Норвешка и Португалија по два, додека Шпанија е без бодови.

Волф уште за време на натпреварот делуваше видно изнервиран, а по мечот објасни и зошто.

„Некои ситуации не ми се допаднаа, особено одбиените топки. Тоа ни се провлекува низ целиот турнир. Понекогаш ни недостасува малку повеќе итрина и во нападот и во одбраната.“

На крајот испрати јасна порака.

„Со ваква игра против Данска нема да биде доволно. Мораме да покажеме сосема друго лице. Данска е најдобрата репрезентација, можеби и најдобрата во историјата.“