Голманот на Кил и германската репрезентација, Андреас Волф, упати силна критика кон ракометарите кои во текот на натпреварите претеруваат со глума, врескање и симулирање на удари, со цел да изнудат подобра судиска одлука.
Во најновата епизода од подкастот „Hand aufs Harz“, Волф без „влакна на јазикот“ зборуваше за појавата која, според него, го нарушува интегритетот на играта.
„Има вистински специјалисти за глума. Невозможно е да се издржи – при секој контакт веднаш креваат врева, паѓаат, викаат, само за да го изманипулираат судијата“, вели Волф.
Иако не посочи имиња, Волф нагласи дека проблемот не се однесува само на играчите во поле, туку и на голманите.
„Гледаме сцени каде некој ќе прими топка во рамото, а потоа се фаќа за глава и се превиткува како да бил нокаутиран. Тоа е смешно“, вели Волф.
Посебно го иритира моментот кога голманот се жали и гестикулира – иако топката завршила во мрежата.
„Што точно протестираш? Топката завршила во гол. Ако само те допрела по глава, тоа не е причина за театар. Ова навистина ме нервира“, продолжи Волф.
Волф ги повика ракометарите да престанат со „предозираното глумење“, кое, како што кажа, нема ништо заедничко со духот на ракометот.
„Во жар на борба нормално е да се каже по некој збор. Но овие вештачки крикови, жалења и симулации само за да се изнуди исклучување – тоа е нечесно и не припаѓа во ракометот“, заврши Волф.
Со ваква остар тон, Волф повторно го отвори прашањето за фер-плеј во ракометот и потребата од поголема дисциплина кај играчите, особено во време кога секој потег се гледа во директни преноси и видеотехнологија.


























