Србите тврдат: Ројевиќ од лето ќе го води Охрид!

Српскиот стратег Борис Ројевиќ од лето би требало да седне на клупата на амбициозниот Охрид, пишува Моцарт Спорт. Според српскиот медиум, договорот меѓу двете страни е веќе постигнат, а наскоро треба да биде и официјализиран.

Охриѓани сакаат да играат важна улога во македонскиот ракомет и да влезат во големата тројка во која доминираат Вардар, Еурофарм Пелистер и „сино-белиот“ тим од Автокоманда.

Во Охрид веќе играат двајца ракометари кои работеа со Ројевиќ во минатото – кружните напаѓачи Владимир Бојаниќ и Живан Пешиќ.

Ројевиќ по седум сезони минати во Војводина, си поднесе оставка на функцијата по поразот од Порто во Лигата на Европа, а српскиот првак вчера го потврди заминувањето.

Српскиот стратег во сезоните во кои седеше на клупата на тимот од Нови Сад освои голем број трофеи, а оваа сезона веќе имаше два – во Супер Купот и во Сесрпскиот Куп.

Но потоа следуваа два порази од амбициозниот Партизан во шампионатот, кои ги разнишаа редовите на Војводина и оттогаш беше јасно дека нешто не штима во тимот од Нови Сад.