Во женската Лига на шампиони ќе играат по три тима од Унгарија и Данска

Европската ракометна федерација ги потврди екипите што ќе играат во новата сезона во Лигата на шампионите кај дамите, а ќе има по три тима од Унгарија и Данска.

Десет тима побараа „апгрејд“ или вајлд-карти, а седум од нив го добија и ќе им се приклучат на оние што имаа директно место во групната фаза.

Вајлд-карти добија хрватската Подравка, данскиот Икаст, францускиот Брест, германската Борусија Дортмунд, романската Глорија Бистрица, како и унгарските Ференцварош и Дебрецин.

Апликациите на Сола и Тертнес од Норвешка, како и на Баја Маре од Романија не беа прифатени и тие ќе играат во Лигата на Европа.

Директно место во групите од Лигата на шампионите имаше за Оденсе, Есбјерг, Мец, Лудвигсбург, Ѓер, Будуќност, Сторхамар, ЧСМ Букурешт и Крим.

Шеширите ќе бидат познати во среда, а ждрепката ќе се одржи во Виена на 27 јуни од 15:00 часот.