По четири години во германскиот Гумерсбах, хрватската легенда Марио Келентриќ дојде во македонскиот вицепрвак Вардар.
Во интервју за хрватскиот „Net.hr“, Келентриќ открива за македонската страст кон ракометот, како и за атмосферата на дерби натпреварите.
„Неверојатен е податокот дека ракометот во Македонија е попопуларен од фудбалот, што не е баш нормална ситуација во светот“, истакна Келентриќ, опишувајќи ја страста која владее во салите, а особено на дерби натпреварите.
„Тоа е мала ‘војна’. Во Германија можеби салите се полни, доаѓаат и по 10.000 гледачи, но тоа е господски. Во Македонија е вистинска војна и на трибините и на теренот, а тоа ме потсетува на деновите кои ги поминав како клинец во бивша Југославија и на тогашната лига“, потенцира Келентриќ.
Тој е со хрватско друштво во Скопје, бидејќи во стручниот штаб покрај главниот тренер Иван Чупиќ, е и неговиот брат Томислав Чупиќ.

























