Главниот тренер на Динамо Букурешт, Пауло Переира, остро проговори по серијата порази во Лигата на шампионите – клубот е без бод по шест натпревари во групната фаза.
Португалецот порача дека „некои ривали се посилни и тоа мора да се прифати“, но и дека менталитетот мора да се смени ако тимот сака да напредува.
„Ќе продолжиме да работиме и тренираме. Ако не го поправиме ставот, ќе продолжиме да губиме. Треба време за да се создаде добра екипа, но менталитетот мора да се промени. Кој е подготвен – ќе игра. Кој не е – нема,“ изјави Переира.
Тренерот потврди и дека клубот казнил играчи поради прекумерна тежина и несоодветна подготвеност, нагласувајќи дека кај него „не постојат домашни и странци – постојат само подготвени и неподготвени“.
Според романските медиуми, со парични казни се соочиле голманот Самир Беласен и пивотот Миклош Рошта, а на дел од останатите ракометари им било препорачано намалување на тежината.
Переира заврши со порака дека успехот доаѓа само преку работа и трпение.
„Ако работиш – ќе успееш. Ако не, шанси нема.“


























