Од Астибо ветуваат: Не застануваме тука – градиме клуб што ќе има значајна улога

Тимот на Астибо од Штип оваа сезона испишува уште една убава страница во клупската историја. Избраничките на Дејан Величков обезбедија место во разигрувањето за титулата во Женската лига и со тоа го направија најголемиот успех досега.

Во ростерот на Астибо игра најдобриот стрелец во Женската лига, Марија Анчева, додека остатокот од тимот го сочинуваат повеќе млади ракометарки. Стратегот Величков вели дека самиот пласман во плеј-офот за клубот е голем успех.

„Со самото влегување на Астибо во плеј-офот ние направивме голем успех. Во историјата на клубот ова е најголем постигнат успех на женскиот ракомет во градот. Пред три години почнавме да се натпреваруваме во Женската лига, зацртавме цели и се движевме по нив. Ништо не доаѓа преку ноќ, ќе работиме напорно, градиме стабилен клуб кој во наредните години ќе игра значајна улога во горниот дел од табелата“, смета Величков.

Според него, актуелниот првак е фаворит број еден за титулата и оваа сезона.

„Тимот на Ѓорче Петров е фаворит оваа година според играчкиот кадар кој го поседува, но и со организацијата и целите гој ги има самиот клуб“, продолжи Величков.

Астибо ќе одигра 20 натпревари против силни ривали, на кои младите ракометарки ќе го добиваат неопходното искуство за да напредуваат во своите кариери, но ростерот сепак е мал.

„Ни преостануваат 20 натпревари, тоа се многу и на секој натпревар ќе влегуваме мотивирано и ќе го дадеме својот максимум. Убеден сум дека ќе направиме изненадување, и покрај тоа што ростерот на играчи што го имаме е мал. Имаме искусни играчи во првата постава, но немаме ротација. Во преодниот рок се надеваме дека ќе донесеме играчи кои значително ќе ја подобрат нашата игра, а со тоа ќе имаме и поголем резултат. Како што кажав оваа сезона направивме голем успех. Но не остануваме на тоа и нема да се задоволиме, таков сум карактерно како тренер. Ако стоиш во место значи дека назадуваш. Нашиот „џокер“ ќе биде работа, и во наредните три години да направиме база на свои играчи и играчи од страна. Астибо во наредните години ќе заземе високо место во женскиот ракомет како во Женската лига така и во младинските категории“, смета штипјанецот.

Според тренерот на Астибо, актуелниот систем на натпреварување во Женската лига не е идеалниот.

„Овој систем што го играме оваа сезона според мене не се покажа најдобро. Три групи по пет клуба, тоа е повеќе за турнирски натпреварувања. Со 15 клуба во лигата најдобро ќе беше да остане ланскиот систем. За подобрување на женскиот ракомет е потребно повеќе вложување во него, поголема афирмација и подобар маркетинг. Имаме стручни луѓе кој знаат и се искусни со работата во женскиот ракомет, да им се даде доверба да се направи државна стратегија, да се дадат услови и сигурно ќе има резултат. Но сѐ не доаѓа така брзо. Нема бодни прачка, пиј вино…“, заврши Величков.

Астибо во првото коло од Женската лига на домашен терен ќе се соочи со еден од фаворитите за висок пласман, Металург Автокоманда.