Унгарскиот гигант Веспрем во последен момент го откажа учеството на ТВ Турнирот на шампионите во Добој, каде ќе игра и македонскиот првак Еурофарм Пелистер.
Веспрем играше минатиот викенд на турнир во Германија, каде наводно осум играчи и членови на стручниот штаб биле болни, дел од нив добиле труење од храна, а патувањето назад до Унгарија било долго и напорно, и ден подоцна од предвиденото.
Според соопштението на клупскиот сајт, препораките од докторскиот тим биле да не се ризикува здравјето на ракометарите и да се откаже настапот, а сомнежите се дека се работи за коронавирус.
Еурофарм Пелистер е во група со Црвена Ѕвезда, Татабања и Загреб, додека Веспрем требаше да игра со Бешикташ, Слога Добој и Ал Ахли.
Дали организаторот за два дена ќе најде соодветна замена или турнирот ќе се одигра со седум екипи, останува да видиме.