Полскиот вицепрвак Висла Плоцк оствари важна победа во Лигата на шампионите и се вмеша во битката за осминафиналето, откако славеше против гигантот Веспрем со 37-30.
По 5-5 на стартот, избраниците на Чави Сабате се одлепија на плус пет, 10-5 и оттогаш до крајот не го испуштија водството. Момир Илиќ се обидуваше да ги врати своите избраници во игра, но ништо не им одеше од рака, па на пауза Висла водеше со 18-11.
Иако се очекуваше во вториот дел Веспрем да заигра посериозно, сепак тоа не се случи, продолжија во ист ритам како во првото полувреме и поразот беше неизбежен. Еднаш успеаја гостинските ракометари да намалат на три разлика, но тоа беше се и немаа шанси против разиграните домаќини на овој натпревар.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Тин Лучин со осум и Герго Фазекаш со седум погодоци, додека голманите Алиловиќ и Јасжебски собраа 11 одбрани. Во составот на Веспрем, Деска имаше осум реализации, Косоротов погоди шест пати, додека голманите Коралес и Биоска имаа осум одбрани.
Веспрем остана на 14 бодови и падна на третото место во групата Б, додека Висла Плоцк се израмни со Порто и има шест бода, па напролет ќе ја продолжи битката за осминафиналето во елитната конкуренција.