Екипата на Висла Плоцк ја испиша една од најголемите гостински победи сезонава во Лигата на шампионите, совладувајќи го ПСЖ на негов терен со 30-29. Ова беше втор триумф на Полјаците во меѓусебните дуели со ПСЖ сезонава во ЛШ. Натпреварот во „Пјер де Кубертен“ понуди сè – пресврти, драматични моменти и игра за вистински спектакл, но на крај победата сосема заслужено замина за Полска.
Сега Висла се искачи на третото место на табелата со 12 бода, два повеќе од ПИК Сегед. Полјаците заостануваат четири бода за Барселона, која е на второто место, а првите две места водат директно во четвртфиналето. Лидер во групата е Магдебург.
Од самиот почеток Висла имаше јасна намера: агресивна одбрана и напади со мал број потези. Тоа веднаш даде резултат – по само 12 минути Полјаците водеа со 6-8, а ПСЖ влезе во период на конфузија кој кулминираше во 18. минута кога семафорот покажа 9-12. Разликата продолжи да расте, па во 28. минута Висла стигна и до највисоките 13-18, со што првото полувреме му припадна на гостинскиот тим.
ПСЖ се обиде да се врати во ритам уште на стартот од второто полувреме. Со серија од 3:0 Французите се доближија на 20-21 во 40. минута, а потоа со голот на Пранди и на 23-24. Сепак, секој пат кога домашните ќе ја доближеа разликата, Висла имаше подготвен одговор. Клучниот момент се случи меѓу 44. и 48. минута: Ричардсон прво погоди за 23-25, а потоа Јанц и Фазекаш со две брзи акции ја вратија предноста на сигурни 23-27.
Тоа беа ситуациите што целосно го скршија ритамот на ПСЖ, кој имаше дури 12 технички грешки во текот на мечот – премногу против тим кој ја казнува секоја невнимателност. Иако домаќините го добија последниот налет и преку Пранди намалија на 29-30, Висла одигра смирено, ја задржа топката и го затвори натпреварот со ладна глава.
Михаил Дашек беше нерешлива енигма за француската одбрана – заврши со 7 гола, меѓу кои и 5 реализирани пенали, додека Мелвин Ричардсон додаде уште 6. На спротивната страна најдобар кај ПСЖ беше Елохим Прaнди со 9 гола, а голот на Левквист го чуваше во игра со 9 одбрани, но недоволно за пресврт.


























