Висла Плоцк беше на праг да освои бод на гостувањето кај Магдебург, но последните два упатени удари ги одбрани голманот на домашните Сергеј Хернандез, и на крај Германците триумфираа со 27-26.
Ударите на Косоротов од бек и на Михиќ од крило завршија во голманот Хернандез за славје на домашните.
Во 50 минута од мечот домашните имаа предност од 24-19 и изгледаше како да е завршена „домашната задача“. Но гостите намалија на 26-25 а потоа и на 27-26.
Од 15. минута од мечот Магдебург имаше предност која ја задржа до крајот. Во 40 минута предноста беше „плус 6“, за водство 20-14, а потоа исто така и во 45 минута кога германците водеа со 22-16.
Со овој триумф Магдебург е лидер во Б групата од лигата на шампионите, во истата во која игра и Еурофарм Пелистер.
Во следното коло Висла е домаќин на битолчани, а Магдебург патува во Данска кај ГОГ.