Висла го „среди“ и Загреб за втор трумф во ЛШ

Откако победи на гостувањето во Унгарија,ракометарите на Висла на домашен терен триумфираа и против Загреб, 30-27 (17-13) и Полјаците „врзаа“ две победи, а Хрватите два порази на почетокот на новата сезона. Во истата група е и екипата на Еурофарм Пелистер која утре гостува кај ПСЖ.

Цел меч водеше Висла, на моменти и со 3-4 голови, ама на крај можеше да биде драматично. Иако водеше со 17-13 на полувреме домашните се опуштија и му дозволија на ривалот да се врати во игра.

Во 52. минута Загреб намали на 24-23 и се закани дека може да земе бодови. Повторно се приближи на гол негатива, 25-24, а потоа Висла пак ги искористи шансите и имаше плус 2.

Потоа искористија еднa грешка на гостите и Висла зголеми на 29-26, во 57 минута со што го најавија својот домашен триумф. На крајот останаа трите гола предност, 30-27 за Висла.

Кај домашните Митја Јанц со 6 гола, и Мелвин Ричардсон и Ловро Михиќ со по 5 беа најпрецизни. Кај гостите, седум гола даде Ихар Биаилуски.

Во следното коло Загреб е домаќин на Барселона, а Висла гостува кај Магдебург.