Висла без Житников до крајот на годината!

Полскиот првак Висла Плоцк и ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, до крајот на годината ќе биде без средниот бек Дмитри Житников.

Според „ТВП Спорт“, тој бил опериран на зглобот на шутерската рака и ќе мора да паузира од ракометните терени до крајот на 2024 година.

Рускиот репрезентативец и најголем дел од минатата сезона пропушти поради повреда, но од стартот на 2025 би требало да биде подготвен.

На левата и средна бековска позиција, каде што најчесто игра Житников, тренерот Хавиер Сабате ги има на располагање Золтан Сита, Кирил Самоило, Петер Шишко, како и Герго Фазекаш, Миха Зарабец и Митја Јанц, па неговото отсуство нема да се почувстува.

Еурофарм Пелистер ќе гостува во Плоцк на 9/10 октомври, додека Висла доаѓа во Битола на почетокот на февруари 2025 година.