Првиот човек на Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, изминатиот викенд беше на Ф4 турнирот во Келн во Лигата на шампионите, каде се сретна со челниците на Европската ракометна федерација, и од каде се врати оптимистички расположен.
Голема е веројатноста македонскиот првак да добие една од седумте „вајлд-карти“ кои ЕХФ ги доделува за учество во најсилното европско клупско натпреварување и следната сезона.
Битолчани се надеваат на позитивен одговор од Виена, свесни за своите предности и недостатоци, во однос на другите тимови што исто така очекуваат покана за настап во ЛШ.
Во викенд – интервјуто со 24Ракомет, Стерјев открива дека Еурофарм Пелистер ја научи лекцијата сезонава и за следната ќе биде поподготвен, особено кога станува збор за квалитетот на ростерот.
„Преодниот рок за нас не е завршен. Во интензивни преговори сме со уште тројца – четворица ракометари за кои сметаме дека можат да придонесат за квалитетот на екипата. Ќе имаме засилување на бековските позиции, можеби и на трите, а дополнително и на пикерската позиција. Генерално преговараме со домашни играчи, но во овој момент за потребите на екипата, домашните играчи кои го имаат потребното за нас ниво на квалитет се веќе под договори во други клубови и се недостапни, па поради тоа најверојатно ќе бидат странски засилувања. Сметам дека со сите засилувања екипата за некои 30 посто ќе биде поквалитетна од лани“, потенцира претседателот на македонскиот шампион.
За плановите за следната сезона и поуките од оваа за Еурофарм Пелистер, како и за животот и функционирањето на потесното семејство Стерјеви како предводници на битолската гордост ќе читате во викенд – интервјуто на 24Ракомет.