Видерер ќе „трча“ по трет мандат за претседател на ЕХФ

Претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, најави дека ќе се кандидира за трет мандат на претстојните избори. Својата кандидатура ја објави преку официјално писмо упатено до 50-те членки на ЕХФ.

Изборите ќе се одржат за време на 17. Конгрес на ЕХФ, кој ќе се одржи на 19 и 20 септември 2025 година во Андау, Австрија.

Видерер првпат беше избран за претседател на ЕХФ во 2016 година на Конгресот во Сент Волфганг, Австрија, наследувајќи го Жан Брио од Франција. Во 2021 година, на Конгресот во Виена, неговиот мандат беше продолжен.

„Сите сме свесни за предизвиците со кои се соочи Европа во изминатите четири години, а тоа, секако, се одрази и врз спортот, особено врз ракометот. Европската ракометна федерација, заедно со своето раководство и сите инволвирани – било на избрано или професионално ниво – напорно работеа за да го одржат спортот на вистинскиот пат“, напиша Видерер во своето писмо.

Видерер го завршува писмото со следниве зборови:

„Имајќи ја предвид актуелната состојба и задачите кои претстојат, високо сум мотивиран да го водам Извршниот комитет на Европската ракометна федерација и во следниот изборен период – заедно со претставниците кои вие, националните федерации, ќе ги изберете на спортско-политичко и техничко ниво.“

Михаел Видерер беше генерален секретар на ЕХФ од 1992 до 2016 година, а сега е четвртиот претседател во историјата на федерацијата.

Прв претседател беше Швеѓанецот Стефан Холмквист, кој ја предводеше организацијата од нејзиното основање во 1991 до 2004 година. По него следеше Тор Лиан, претседател од 2004 до 2012 година.