Во рамките на третото коло од плеј-оф фазата во машката Суперлига, тимот на селекторот Кирил Лазаров запиша нови три бода на гостувањето во Струга во натпревар кој заврши со резултат 22-32(10-15).
Македонскиот вицепрвак прв постигна гол на натпреварот, но домашните ракометари ја имаа иницијативата и предноста во текот на првите 20 минути, домашниот состав предводен од селекторот на кадетската репрезентација Наум Танески им парираше на сините од Автокоманда, но во самиот финиш на полувремето гостинските ракометари ја преземаа контролата над играта, а до полувремето ги искористија сите шанси кои им се укажаа, и разликата на теренот полека се зголемуваше за конечни 15-10 во корист на скопскиот тим.
На стартот на второто полувреме тимот од Автокоманда продолжи да ја гради разликата, која до средина на вториот дел дојде до двоцифрената граница. Кога веќе се беше познато на теренот, а бодовите распределени, во рутинирана завршница двете екипи го приведоа дуелот до својот крај, со конечен резултат 22-32.
Најпрецизен во гостинскиот состав беше Дамјан Митев со 7 голови, го следеа Џонов и Кофиловски со по 5. Кај домашната екипа кружниот напаѓач Тренчевски беше најрасположен со 6 погодоци.
Со овие нови три бода македонскиот вицепрвак останува осамен на врвот на плеј-оф табелата со бод повеќе од Еурофарм Пелистер и Охрид и три повеќе од Вардар. Во следното четврто коло тимот од Автокоманда гостува во Охрид, а Струга во Скопје кај Вардар.