Унгарскиот првак Веспрем го доживеа првиот пораз во домашното првенство, откако загуби на гостувањето кај големиот ривал ПИК Сегед со 28-24, а на полувреме беше реми, 12-12.
ПИК Сегед го доби мечот со подобрата игра во финишот. По водството на домашните, 25-24, Веспрем промаши, а Бодо извлече еден пасивен напад со гол за плус два, потоа следуваше уште една грешка на гостите и казна за 27-24.
Тоа беше доволно за избраниците на Михаел Апелгрен да се израдуваат на дерби победа над Веспрем по подолго време.
Шоштариќ постигна седум гола за ПИК Сегед, а пет гола даде Бодо, додека кај Веспрем се истакнаа Ремили со осум и Фабрегас со седум. Голманите на Веспрем имаа само три одбрани за целиот меч.
ПИК Сегед е прв на табелата со 18 бода од девет натпревари, додека Веспрем е втор со 16, но и меч помалку.