Машката репрезентација на Македонија утре ќе се соочи со Австрија во рамки од првото коло од главната фаза на Светското првенство 2025.
Македонија на Мундијалот ја оствари првичната цел, а сега ќе има задача да се избори за добро место во својата група.
Еден од поискусните ракометари во репрезентацијата на Македонија, Мартин Велковски, ги истакна своите очекувања за настапот во главната фаза, а за утрешниот натпревар се надева дека со своите колеги ќе остварат позитивен резултат.
„По една тешка прва рунда во главната фаза не очекуваат Австрија, Катар и Франција. Мислам дека првите два меча се клучни за нас, репрезентации кои се квалитетни и се долго време на светската ракометна сцена, но мислам дека може да играме и со двете селекции. Имаме и ние наши квалитети. Ќе излеземе максимално подготвени и ќе одиме на победа. Сметам дека може да одговориме на играта на Австрија, знаеме дека се квалитетни, дека имаат искусни играчи и дека играат „седум на шест“ но исто така имаат и слабости, на кои работевме изминативе ден-два и ќе се обидеме да ги победиме“, потенцира бекот Мартин Велковски.
Натпреварот меѓу Македонија и Австрија е на програмата од 15:30 часот.