Велковски: Можеме да и парираме на Португалија

Македонија ја очекува нов предизвик на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка – утре ќе се соочи со Португалија.

По стартниот пораз од Данска, Мартин Велковски смета дека Македонија може да даде многу повеќе против следниот ривал.

„Португалија е на слично ниво на Данска, на минатото првенство видовме дека поседуваат квалитет, стигнаа до самиот крај, но ние ќе ги анализираме нашите пропусти со Данска и да ја подобриме нашата игра. Се надевам дека ќе дадеме многу повеќе против Португалија. Иако примивме доста голови, одбраната беше добра, дури игравме на позициона зона не примивме многу голови, повеќе од нив беа во транзиција. Париравме тркачки, не покажавме слабост кондициски и изротиравме добро, мислам дека сме спремни за Португалија“, изјави Велковски.

Тој смета дека Македонија може да парира на Португалија.

„Португалците играат слично како Данска, сака транзиција, да игра на многу голови, играат брз и модерен ракомет, но сметам дека можеме да парираме. Техничките грешки се проблем, бидејќи примаме лесни голови, ако ги намалиме нив, ќе биде полесно да се враќа назад и да играме добра одбрана“, заврши Велковски.

Дуелот меѓу Македонија и Португалија се игра утре од 18:00 часот во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.