Велковски: Игравме за Јовиќ и за сите македонски навивачи

Mакедонија со реми, 27-27, со фаворитот Унгарија го стартуваше настапот на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.

Десниот бек Мартин Велковски, кој се снајде одлично и на десната крилна позиција, се потсети на соработката со Александар Јовиќ и вели дека сите играа за него и за сите навивачи кои дојдоа во Вараждин.

„Најпрво сакам да изразам сочувство до семејството на Александар Јовиќ. Поголемиот дел од оваа репрезентација мина низ неговата школа, во одреден дел ни беше тренер, јас потоа соработував и во Еурофарм Пелистер. Сите бевме потресени, ама пробавме да останеме фокусирани. Знаевме дека на трибините ќе има голем број на македонски навивачи, сакавме да одигравме за нив. Покажавме голема борба, можеби во таа борба загубивме глава, но ова е една од тие ситуации, ако некој пред мечот ни понудеше реми со Унгарија, сигурно ќе го прифатевме. Сите сакавме да победиме, имавме и шанса да победиме, можеби и ја прокоцнавме, ама тоа е што е“, изјави Велковски.

Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот со Холандија утре со почеток во 18:00 часот.