Велков: Поразот во Охрид е зад нас, против Скопје сакаме да им се вратиме на победите

Нов предизвик за амбициозниот Тиквеш ќе биде гостувањето кај Скопје во натпревар од 13 коло во суперлигашкото друштво.

Со поразот во Охрид, кавадарчани добија конкурент во битката за второто место, па мора да забележат две победи во последните две кола за да ја остварат целта.

Голманот Марјан Велков вели дека како и секогаш, така и против Скопје, тој и неговите колеги ќе влезат со желба за победа.

„Играме со екипата на Скопје, ние во секој натпревар влегуваме со иста цел да победиме без разлика на противникот. Се надевам дека со една сигурна игра ќе се вратиме на победите, и да ја оправдаме улогата на фаворит кај Скопје. Поразот во Охрид го оставаме позади нас, тоа е составен дел од спортот, треба да научиме нешто од овој пораз и да излеземе појаки од сето ова. Секако дека целта што си ја зацртавме останува исто тоа второ место на крајот од регуларниот дел“, вели Велков.

Избраниците на Никола Матлиески прво гостуваат кај Скопје, а во последната рунда ќе играат дома со вицепрвакот.

„Последно коло играме со Алкалоид дома, сите знаат дека во Кавадарци никој не поминува лесно потребен ни е најмалку бод или победа за тоа второ место и ќе дадеме се од себе пред нашата верна публика и полна сала Јасмин, да се радуваме на нов успех“, заврши Велков.

Натпреварот меѓу Скопје и Тиквеш се игра утре со почеток во 15:00 часот.