Од петок до недела ќе се одиграат натпреварите по групи во Купот на Македонија и ќе бидат познати патниците на завршниот турнир.
Екипата на Тиквеш ќе игра на домашен терен. Во полуфиналето од групата за ривал го има Еурофарм Пелистер 2, а доколку победи во финалето ќе се соочи со подобриот од мечот меѓу Прилеп и Мулти Есенс.
Голманот Марјан Велков очекува триумф против незгодниот тим на битолчани.
„Во сабота најпрво играме со Еурофарм Пелистер 2, станува збор за една млада и полетна екипа со која игравме во регуларниот дел и два пати бевме подобри, но играме на домашен терен фаворити сме и се надевам дека ќе го оправдаме тој епитет. Потоа ќе го чекаме подобриот од вториот меч и секако одиме на победа и на тој натпревар за пласман на Ф4“, вели Велков.
Тиквеш досега ниту еднаш не играл на завршницата во Купот.
„Досега не сме биле на Ф4 и сега гледаме една голема шанса да бидеме дел од него па после знаеме дека таму е еден натпревар и никогаш не се знае што може да се случи“, продолжи Велков.
Кавадарчани од полусезоната имаат нов тренер, Раде Стојановиќ. Велков вели дека соработката е одлична.
„Со Раде сме околу три месеци заедно и иако е малку специфично кога ќе дојде нов тренер на полусезона, мислам дека брзо се уклопивме во тоа што тој го бара од нас како играчи што се гледа и по нашата игра. За што побрзо да помине таа транзиција мора да има соработка од двете страни што мислам дека досега добро ни оди“, заврши Велков.
Тиквеш игра против Еурофарм Пелистер 2 в сабота на пладне, второто полуфинале е од 14:00 часот меѓу Прилеп и Мулти Есенс, додека финалето е истиот ден во „Јасмин“ од 18:00 часот.