Германскиот бундеслигаш Вецлар најде замена за тешко повредениот Барт Равенсберген. Клубот го ангажира искусниот египетски репрезентативец Карим Хендави (37), кој доаѓа од редовите на шампионот Замалек. Договорот е до крајот на сезоната.
„Баравме голман кој има квалитет и искуство, затоа одвоивме време да најдеме вистинско решение. Успеавме, Карим ги има и двете. Тој е интернационално проверен голман, со мирнотија и зрелост за вакви ситуации“, изјави спортскиот директор Јасмин Камџиќ.
Сепак, Хендави нема да може да дебитира во недела против Лајпциг. Иако има меѓународна дозвола за настап, неговота виза сè уште не е одобрена поради државен празник во Египет. Во Вецлар очекуваат тој да пристигне во Германија во текот на следната недела и да се приклучи на тимот.
„Ова ми беше сон – да заиграм во Бундеслигата. Имав понуди и порано, но не се оствари. Среќен сум што конечно се реализира и едвај чекам да почнам со тренинзи,“ вели Хендави.
Во својата кариера бранеше за Ал-Ахли, Замалек, Бешикташ Истанбул, Констанца и Еурофарм Пелистер, а со Египет настапи на сите светски првенства од 2011 година и на три Олимписки игри.