Младинската екипа на Вардар ја одбрани титулата во женска конкуренција, иако загубија со 27-31 на гостувањето кај Ѓорче Петров. Клучна беше победaта во првиот дел од сезоната кога „црвено-црните“ триумфираа со 36-24.
Имаа за што да се радуваат младите вардарки на гостинскиот терен во Ѓорче Петров, но, беа заборавени од страна на Ракометната федерација на Македонија. Иако тоа беше последен меч во сезоната во младинска конкуренција, никој од страна на РФМ не им ги врачи заслужено освоените медали за прво место, ниту пак шампионскиот пехар. Велигденските празници за РФМ почна порано од очекуваното!
Слично беше и кога машкиот тим на Еурофарм Пелистер требаше да го добие шампионскиот пехар во Битола. Тој стигна дури во второто полувреме преку претставници на федерацијата. Но, највисоките членови на РФМ не беа да им го честитаат успехот на битолчани кои после 18 години пак станаа шампиони.
(Не)разбирливо е како РФМ можеше да направи таков кикс? Однапред беше познато дека тој меч решава за титулата. Иако претходно вардарки ги добија медалите за кадетска конкуренција, а пионерките на Ѓорче Петров како пионерки исто така добија медали и пехар, за „најстарата“ млада генерација тоа не беше случај.
Иако беа заборавени, потценети и омаловажени со не доделување на пехарот, сепак ракометарките си прославија на свој начин, со песна во соблекувалните по натпреварот. А радоста беше очигледна и на теренот после мечот.
На мечот против Ѓорче Петров, младите ракометарки на Вардар имаа водство и на полувреме, 16-13, што беше знак дека од посакуваното изненадување на домаќинките нема да има ништо. Потоа во второто полувреме дојде пресвртот, па домашните ракометарки водеа со три гола, која предност до крај само се зголеми на 31-27. Но, шампионскиот пехар требаше да го добијат вардарки.
Веројатно ќе го добијат и пехарот и медалите, ако РФМ се реши да им направи посебна свеченост, или пак ќе им ги испрати по пошта. Најважно е дека Вардар е младински шампион, а фотографиите со пехарот и медалите околу врат може да се направат и во фотошоп!