Вардарецот Коиј ќе игра за Холандија во квалификациите за ЕП 2026

Селекторот на репрезентацијата на Холандија, Штефан Олсон, го објави списокот на играчи за првите квалификациски натпревари за пласман на континенталниот собир 2026.

Како што е познато, во текот на ЕХФ неделата во периодот од 4 до 11 ноември, ќе се одиграат првите два воведни натпревари од квалификациите за ЕП 2026, кое ќе се одржи во три земји – Данска, Шведска и Норвешка.

Холандија во квалификациите за пласман на Европското првенство 2026 за ривали ги има репрезентациите на Украина, Косово и Фарски Острови, а селекторот Олсон за првите натпревари смета и на кружниот напаѓач од Вардар, Ларс Коиј.

Избраниците на Олсон првиот квалификациски натпревар ќе го одиграат на 7 ноември против Украина, потоа на 10 ноември ќе гостуваат во Приштина кај Косово.