Ракометарите на Вардар загубија од Загреб со убедливи 34-27 во финалето на „Лабин Куп“, па хрватскиот првак и натаму е на максимум на овој турнир – го освои трофејот четврти пат во четвртото издание.
Победникот беше решен во средината на вториот дел, кога по 22-21, нападот на Вардар стана безидеен, се редеа и технички грешки, па Загреб предводен од голманот Мештриќ прво се одлепи на плус четири, па беше и плус шест и до крајот одработи само рутински.
Загреб не беше предводен од стратегот Ненад Шоштариќ, туку од Тончи Валчиќ, не играа репрезентативците Кларица, Главаш, ниту Кавчич…а Гојун доби црвен картон во финишот на првиот дел по остар старт над Марчињак. Ниту Вардар не беше комплетен бидејќи недостигаа Боно, кој доби одмор по репрезентативните настапи, како и Стаменковиќ и Да Силва, кој се уште не е подготвен за деби.
По 3-3, Загреб направи прв чекор напред и поведе со 5-3, но по неколку врзани одбрани на Валах, Вардар успеа да ги казни сите грешки на хрватскиот првак и со серија со четири гола, „црвено-црните“ ја преземаа контролата.
Потоа се играше гол за гол, голманот Мештриќ исто така беше солиден на голот на Загреб, Бељавски беше одличен пеналџија и на паузата хрватскиот првак водеше со два гола, 17-15.
На стартот на вториот дел Валчак имаше остар старт над Малус, но Словенецот продолжи да ја гради играта на Вардар, а место Горига и Митровиќ во игра влегоа Танкоски и Марчињак, додека Еспиња застана на вардаровиот гол.
Беше 22-19 за Загреб, Вардар успеа да намали на 22-21, но потоа се наредија грешки и хрватскиот тим отиде на плус четири, па Чупиќ мораше да бара тајм-аут. Мештриќ му фати зицер на Тузолана, потоа одбрани уште еднаш.
Загреб на десетина минути имаше шест гола залиха, 29-23 и веќе беше јасно каков натпревар ќе има до крајот. Вардарци влегуваа од грешка во грешка, па лутиот Чупиќ уште една побара минута одмор, но веќе беше доцна за камбек.
Третото место на „Лабин Куп“ го освои Слован Љубљана откако славеше против Сесвете.

























