Вардар ќе биде еден од главните магнети на силниот меѓународен турнир во Хрватска кој на крајот од јануари ќе се одржи во хрватскиот град Лабин. Турнирот го организира Рудар Лабин и ова ќе биде негово четврто, досега најсилно издание. Истиот ќе се игра на 30 и 31 јануари.
На главниот турнир ќе настапат големи регионални имиња – двократниот европски првак Вардар, хрватскиот гигант Загреб, словенечкиот Слован Љубљана и Сесвете. Со ваков состав, Лабин на два дена ќе стане центар на регионалниот ракомет, а Вардар добива сериозен тест во подготвителниот период.
Организаторите најавуваат дека ова ќе биде најголемото и најсодржајно издание досега. Претседателот на Рудар, Патрик Франковиќ, истакнува дека турнирот расте од година во година и дека целта е Лабин да го заземе местото што го заслужува на ракометната мапа на Хрватска и регионот.
Организацијата е засилена и со силна туристичка и бизнис поддршка: Град Лабин, Туристичката заедница Лабин – Рабац и компанијата Валмар го гледаат турнирот како важен зимски спортски и туристички настан, кој го продолжува сезонскиот пулс на градот и го промовира како ракометна дестинација. За навивачите се подготвуваат фан-зона, паб квиз и дружења по натпреварите – концепт кој го претвора турнирот во вистински ракометен фестивал, а не само во серија контролни мечеви.

























