Битолчани ги пречекаа вардарци во салата со свирежи, но ги испратија со аплауз, наградувајќи ги за нивната гостинска победа, 34-19 (18-7) против вториот тим на Еурофарм Пелистер. Аплаузи добија и домашните ракометари, за нивната пожртвуваност, иако овојпат не беа на нивото да му парираат на Вардар.
Во Битола дефинитивно го сакаат ракометот, бидејќи повеќе од половина од капацитетот на салата „Боро Чурлески“ беше исполнет, иако играше вториот тим. Гостуваше Вардар, а на младите битолски ракометари секако добредојдена им беше поддршката од трибините.
Но, црвено-црните“ изгледаа како конечно да ги ставиле камчињата во мозаикот, па делуваа многу повоиграно, компактно и „збиено во одбрана“ за разлика од претходните средби што ги играа. И тоа им донесе гостински триумф.
Вардар „притисна“ од почеток и брзо направи водство од 3-0 во 6. минута, а потоа за уште осум минути имаше серија од 5-3 со која „црвено-црните“ веќе водеа со 11-3 во 15 минута. Домашните ракометари и премногу правеа технички грешки, како да беа импресионирани од името на противникот.
Поради ограничувањето на бројот на странски ракометари скопјани во Битола беа без Кавада, Еспиња, Пинто и Кеита. Седморката што беше на паркет, одлично ги спроведуваше тренерските замисли на Иван Чупиќ. Вуко Борозан играше само во одбрана, и токму центарот на вардарци беше најтежок за пробивање.
Она што ќе минеше низ рацете на одбраната дел завршуваше во нозете или рацете на Милош Валах кој имаше 50 отсто успешност (7/14), баранејќи и еден седмерец. На спротивната страна Иван Младенов одбрани само една упатена топка кон голот на битолчани. Христијан Митревски имаше реализација 0/5, а единствено Ненад Белистојаноски погоди петпати од седум обиди. Генерално тешко Еурофарм Пелистер 2 можеше да стигне до чиста позиција за гол. На полувреме вардарци веќе имаа двоцифрена предност, 18-7, како најава за победата.
Во 42 минута Вардар првпат имаше „плус 12„ на средбата, а Васил Гогов веќе четири одбрани на голот. Тренерот на домашните ја бараше седморката и голманот што можат да се спротистават, па по Иван Малденов, шанса доби и Мартин Јовановски, а по 45 минута меѓу стативите застана и Мелин Фехми. До тој момент битолските голмани имаа само три одбранети топки од 29 упатени удари.
Откако пивотменот Кристијан Анастасовски од контра зголеми на 29-15 за Вардар, тренерот на Еурофарм Пелистер 2 мораше да побара тајмаут, и да смени нешто бидејќи разликата полека се зголемуваше, а неговите ракометари немаа решение во нападот. Во последните десет минути од натпреварот гостите имаа предност од 30-15.
До крајот остана таа предност од „плус 15“ гола, и средбата заврши со триумф на скопјани од 34-19.
Кај гостинскиот тим Николас Боно постигна шест гола, а по четири дадоа Георгиевски, Митровиќ, Горига, Атанасовски и Ќосевски. Во тимот на Еурофарм Пелистер, Белистојановски имаше реализација 5/7.
Во следното коло Вардар е домаќин на Охрид, а Еурофарм Пелистер 2 гостува во Куманово.