Вардар со триумфален крај – Парондо со пораз си оди од Скопје

Екипата на Вардар со победа се прости од Европа, откако во натпревар од последното коло од групната фаза во Лигата на Европа славеше против Мелсунген со 32:30 За тимот, кој е предводен од екс тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо, ова беше прв пораз на европска сцена.

На домаќините му требаше околу осум – десет минути да влезат во ритам, па така избраниците на Милано во најголемиот дел од првото полувреме беа подобриот ривал на теренот, но не ги казнуваа грешките на бундеслигашот во целост.

По израмнетата игра во воведниот дел, односно минималното водство на Вардар, од осмата минута, па до крајот на полувремето домаќините имаа контрола на играта, на моменти водеа и со три гола разлика, пред сѐ поради одличната игра на кружниот напаѓач Ларс Коиј, а кога најмногу требаше да притиснат, домаќините дозовлија гостинот да се врати во игра.

По предноста на Вардар од 15:12, избраниците на Парондо врзаа три гола во низа и израмнија на 15:15. До крајот на полувремето се играше гол за гол, па така по 30 минути игра резултатот беше нерешен, 17:17.

Во вториот дел продолжи големата борба на теренот, гостинот на стартот на второто полувреме за момент го презеде водството, откако поведе со 18:17, а во преостанатиот дел Вардар водеше минимално, Мелсунген израмнуваше и еден напад можеше да биде одлучувачки.

Вардар во последните десет минути влезе со предност од 28:27 и успеа до крај да ја сочува и дополни позитивата, се одлепи на плус три, 30:27, гостинскиот тим се обидуваше да дојде барем до реми, но грешките во клучните моменти беа причина за првиот сезонски пораз на тимот предводен од Парондо.

Најефикасни во редовите на „црвено-црните“ беа Ларс Коиј со осум и Младен Крсманиќ со шест гола од шест обиди. Еспиња се покажа во одлично светло меѓу стативите и натпреварот го заврши со 15 интервенции.