Едно од најдобрите леви крила во историјата на ракометот, Тимур Дибиров, го одигра својот последен натпревар во Лигата на шампионите.
Вардар, со кој освои многу титули во македонскиот шампионат, во Купот на Македонија, во регионалната СЕХА лига, но и две во Лигата на шампионите, имаше што да му порача на легендарниот Дибиров.
„Дојде во Вардар, играше, освои сè што можеше и влезе во легендите. Ти благодариме што девет сезони беше дел од клубот и заедно се радувавме на сите успеси. Те чекаме во Скопје и заедно да прославиме. Ќе останеш секогаш нашиот спортски херој“, напишаа од Вардар.
Русинот со македонски пасош, на лето ја завршува богатата кариера, а беше дел од елитното натпреварување цели 22 сезони.
Дибиров целата кариера ја мина во три клуба – рускиот Чеховски Медведи за кој играше 11 сезони, Вардар во кој мина 9 и Загреб, во која ја игра третата сезона.