Ракометарите на Вардар по дерби триумфот над „сино-белите“ од Автокоманда ги очекува нов тежок предизвик, овојпат во Лигата на Европа и гостување кај шведскиот Кристијанштад, кој исто така досега е непоразен.
Со победа во Шведска, „црвено-црните“ практично ќе го визираат местото во главната рунда или ТОП 16, а пред себе ќе имаат ривал што исто така е во серија од пет меча без пораз во домашното првенство и Купот на Шведска.
Вардар и Кристијанштад досега одиграле осум натпревари – четири во Кристијанштад и четири во Скопје, а на сите натпревари кои беа дел од групната фаза во Лигата на шампионите победуваше македонскиот претставник.
Составите на двата тима оттогаш се целосно променети, но и покрај тоа навивачите на Вардар сигурно посакуваат серијата да продолжи и на деветтиот меѓусебен натпревар меѓу двата тима.
Натпреварот меѓу Кристијанштад и Вардар се игра утревечер со почеток во 18:45 часот.
Меѓусебни средби на Вардар и Кристијанштад:
04.10.2015, Кристијанштад – Вардар, Лига на шампиони, група Б, 25-30
20.02.2016, Вардар – Кристијанштад, Лига на шампиони, група Б, 38-36
25.09.2016, Кристијанштад – Вардар, Лига на шампиони, група Б, 23-28
12.03.2017, Вардар – Кристијанштад, Лига на шампиони, група Б, 32-29
04.11.2017, Кристијанштад – Вардар, Лига на шампиони, група А, 23-26
02.12.2017, Вардар – Кристијанштад, Лига на шампиони, група А, 31-15
22.09.2018, Вардар – Кристијанштад, Лига на шампиони, група А, 33-25
23.02.2019, Кристијанштад – Вардар, Лига на шампиони, група А, 30-32
























