Вардар се раздели со Платон и Кузмановска – Новеска е нова предводничка!

По неочекуваниот пораз од прволигашот Ѓорче Петров 2 и елиминацијата од Купот на Македонија, суперлигашот Вардар реши да направи промена на клупата.

Клубот се раздели со досегашната предводничка Анжела Платон и тренерот на голманите, Александра Кузмановска.

Наследничка на Платон ќе биде Даниела Новеска Вељаноска, која работи во кадетската екипа на Вардар.

„ЖРК Вардар ја прекина соработката со стручниот штаб на сениорската екипа, Анжела Платон и Александра Кузмановска, кои веќе не се дел од клубот. Сакаме да се заблагодариме на Анжела и Александра за досегашната соработка и за постигнатото до овој период. Им посакуваме среќа и успеси во понатамошната тренерска кариера. За нов шеф на стручниот штаб на првиот тим е назначена Даниела Вељаноска. За неа веќе Вардар е позната средина, каде работи со младинските категории, се надеваме дека нејзиното искуство ќе го пренесе и во првиот тим на клубот“, се вели во соопштението на клубот.

Следен предизвик за Вардар ќе биде дуелот од Супер женската лига против екипата на Куманово на гостински терен.