Тргнаа одлично на мечот со Бенфика, а потоа целосно потфрлија ракометарите на Вардар кои загубија со 40-35 (16-24) во првото коло од Главната фаза на Лига Европа. „Црвено-црните“ го одиграа можеби најлошото полувреме сезонава кое се покажа како клучно за конечниот исход на средбата.
Вардарци имаа 19 технички грешки и 10 удари помалку кон голот, во однос на својот ривал, и тоа беше решавачко.
Сега Бенфика има два бода исто колку и Вардар на табелата, со што се комплицира ситуацијата, иако има уште три кола да се играат. За Вардар ова е втор пораз во ЛЕ сезонава, по оној во Шведска во групната фаза.
Почетокот на средбата навестуваше дека „црвено-црните“ имаат ладна глава и мирна рака, бидејќи веднаш поведоа. Прво со 4-2, па 6-3 и 7-4 (7 минута). Тоа го принуди домашниот тренер Хота Гонзалез да бара тајмаут, и да менува нешто. А имаа одлични услови за игра бидејќи во „театарска атмосфера“ играа во салата, без набој, без притисок..
После таа минута одмор, на терен имаше други екипи. Банфика леташе, а Вардар застана. Домашните веднаш израмнија на 7-7 а потоа и поведоа со 9-8. Се држеше Вардар до 11 минута кога беше 10-10. Следуваа осум минути во кои почна да се распаѓа колата на скопјани. Со серија од 7-2 Бенфика поведе со 17-12.
Но, тука не застанаа Португалците, и ја зголемуваа предноста која се искачи на највисоките „плус 9“ за водство 24-15 во последната минута од првото полувреме. Од моментот кога Гонзалес побара тајм аут, Бенфика направи серија од 20-9.
Со 13 технички грешки во првото полувреме, пет шутеви помалку од ривалот и 5 промашени удари Вардар немаше шанса да биде конкурентен. Нападот непознатлив, без идеја, без познатите проектили од далечина, со лоши додавања и пробивања. Ја немаше „хемијата“ од есенскиот дел во Лига Европа. Бековите кои треба да бидат ударна сила во овој период има реализација 6/15, далеку од потребното ниво.
На полувреме очигледно Иван Чупиќ имало што да им каже на своите ракометари, бидејќи повторно тргнаа добро, и Вардар намали на 26-21 во 37 минута, правејќи серија од 5-2. И повторно Хота Гонзалес мораше да бара тајмаут. Имаше Вардар играч повеќе, и после една одбрана Валах не успеа да погоди од „гол на гол“ па Бенфика направи вишок во напад за гол.
Штом ќе добиеше шанса Вардар да се приближи следуваше брзоплетост, избрзување, промашување со што пропаѓаа можностите. Во 42 минута Бенфика пан дојде до „плус 6“ и водство 30-24, па Чупиќ мораше да реагира и да побара тајмаут. Ама тоа многу не смени бидејќи Бенфика ја одржуваше таа разлика, а Вардар немаше ниту сила, а ниту идеја како да ја намали разликата.
Дмитро Горига со 9 гола беше најпрецзен кај Вардар, еден помалку даде Тузолана, а по 4 дадоа Пинто и Митровиќ. Кај домаќините 7 гола даде Микита Вајлупов.
Во следното коло Вардар е домаќин на Мелсунген, а Бенфика гостува во Шведска кај Кристијанштад.

























